Friday, June 15, 2012

Св. Билборд

Ок, признавам... на прв поглед наседнав и јас и помислив дека е реклама. Но, после 5 секунди откако го видов и логото на печатницата доле десно, сфатив дека не е реклама за конкретен производ. Мислев дека се работи за тизер за "Скопје Креатива", бидејќи беше и нивното лого под она на "Полиестердеј". Откако го "искинаа" билбордот, се разјасни дека станува збор за дел од поставката на проектот "Скопје Креатива". Нејсе.

Лошо е тоа што го цензурираа. Да, стварно е удар за уметноста. Да, стварно е удар и за оние кои најпрво си го искористија "чудото" за своите цели, а потоа забрануваат и некој друг да го користи за своите, не битно дали уметнички, религиски или политички, цели.

За "чудото" како "чудо", не сакам да зборувам. Максимално ги почитувам чувствата и ставовите на оние кои го почитуваат и веруваат во истото, но исто така и на оние кои не се убедени во неговата реалност.


Бидејќи во неколку наврати денеска слушнав дека агенцијата под чија "капа" е билбордот е виновна за цензурата на делото, сакам да кажам збор-два за билбордските работи, конкретно во Скопје.

Билбордите во Скопје (како и во секој друг град, секако), се под надлежност на Градот, кој ги издава локациите на билбордите на фирмите чија основната дејност е надворешен адвертајзинг. Односно, Градот Скопје им дава годишна дозвола да постават свои билборди и да ги издаваат за своја сметка на однапред утврдени локации, според план. И, така, во текот на една година, агенциите ги издаваат билбордите и наплатуваат за таа своја услуга и потоа на Градот му плаќаат билбордарина. (да напоменам само дека ова не важи за "билбордите" поставени на фасадите на зградите, бидејќи тие се сметаат за приватна сопственост.)

Според договорот за билбордарина, Градот нема право да се меша во содржината на билбордите. Нормално, агенциите се обврзани да се раководат според оние, најчесто непишани, правила за етичност и моралност во надворешното рекламирање.

Секако, Градот нема право директно да влијае, но може многу силно индиректно да влијае врз соджината, а богами и врз несодржината на самите билборди, со моќната алатка наречена билбордарина. Ова би го конкретизирал со две-три прашања, за кои сите Вие си ги имате одговорите: зошто на последните предвремени избори, сите билборди беа црвени и немаше ниту еден единствен син билборд? Бидејќи во тоа, а и во ова време, Градот беше црвен, дали мислите дека Градот воопшто платил за услугата и дали Градот бил тој кој што евентуално ставил "вето" за сини билборди? Дали и во овој случај, Градот пробува да го заштити "чудото" од евентуалното несогласување со истото? Комбинации има многу, оставам на Вас...

На крајот на краиштата, не треба многу да им се замери и на агенциите кои што оперираат со билбордите, бидејќи се работи за профитни ентитети. А, за пари, се добива сè ... а, гледаме и дека се продава сè. 

No comments:

Post a Comment